Избор Култура Струга ТОП ВЕСТИ

Со палење на фестивалскиот оган и читање на „Т’га за југ“ вечерва почнуваат Струшките вечери на поезијата

Струга, 24. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со традиционално читање на „Т’га за југ“ и палење на фестивалскиот оган вечерва ќе биде отворено 62. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, што ќе се одржува на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Сепак фестивалските настани започнуваат точно напладне во Паркот на поезијата со садење дрво во чест на годинешниот лауреат и добитник на „Златниот венец“, македонскиот поет Влада Урошевиќ.

Фестивалот се одржува под мотото „Чувствотворен јазик“.

Ќе има меѓународни поетски читања предводени од над 25 странски и домашни поети од постарата, но и помладата генерација.

За сабота од 20:30 часот во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид е предвиден поетски портрет на лауреатот на наградата „Златен венец“, Влада Урошевиќ, а претходно од 19:00 часот ќе се одржи свечен настан по повод јубилејот – 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов, кој бил и претседател на првиот фестивалски одбор.

Во рамки на годинашната програма предвидени се и портрети на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Гевин Бредли и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, Димитар Башевски.

Програмата опфаќа и одржување тркалезна маса на тема: Поетскиот јазик и вештачката интелигенција.

Свеченото затворање на фестивалот е во недела од 20:30 часот со манифестацијата „Мостови“ на Мостот на поезијата, со поетски читања и врачување на највисоките признанија.

Од фестивалската управа информираат дека за потребите за поставување сценографија за отворање и затворање на фестивалот, денес од 12:00 часот ќе биде затворена улицата за патнички возила на кејот „Борис Кидрич“ во Струга, додека пак во сабота, 26-ти август планирано е да се затвори улицата „Партизанска“ во Струга. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука