Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Започна регионалната конференција за улогата на НАТО во проектирањето на стабилноста на Балканот во Охрид

Охрид, 26. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Државниот секретар во Министерството за одбрана на Република Македонија, Владимир Анчев, денеска се обрати на отварањето на Безбедносниот Форум на алумни на Маршал центарот, насловен „НАТО и Безбедносната соработка во Западен Балкан – предизвици и научени лекции“, кој по 11. пат се одржува во Охрид.

Во фокус на Форумот – безбедносните предизвици и безбедносната соработка на земјите од Западен Балкан во услови на изменета безбедносна архитектура.

Конференцијата ќе трае до вторник, а ќе се дебатира за стабилноста на Балканот и улогата на земјите од регионот и украинското прашање. Присутни се професори од САД, од НАТО колеџот во Рим, експерти и дипломати од областа безбедноста од балканските држави и ЕУ.

Безбедносниот форум е во организација на Алумни-асоцијацијата на „Маршал центарот“ на Република Македонија и спонзорство од алумни-програмите на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“ од Германија и Одделот за јавна дипломатија на НАТО. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука