Избор Култура Македонија Општина Дебрца Охрид ТОП ВЕСТИ

Заврши петтиот Балкански поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“

Охрид, 27. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со доделувањето на Повелбите за учество, во амбиентот на родната куќа на основоположникот на македонската литература за деца и млади, заврши, петиот по ред, Балкански поетски камп „Ванчо Николески“.

Младите литерати од Србија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Грција и Република Македонија, другаруваа три дена во Охрид, Струга (заедно со учесниците на Струшките вечери на поезијата), Вевчани, Белчишта и Црвена Вода.

Таму, мештаните им приредија впечатчлива „македонска трпеза“ со народни специјалитети, додека подалечниот родина на славниот соселанец и претседател на Месната заедница, Војдин Николески, ги почести со природен мед, изваден од планински пчелни семејства.

Тие, пак, како одговор, ја збогатија збирката од документи и предмети во „Спомен собата“ на Ванчо Никоилески, во некогашната училишна зграда каде прославениот поет бил и прв учител.

Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), Проф. д-р Христо Петрески, ја подари рачната машина за пишување користена токму од Николески, а младите учесници, портрети и работни фотографии, добиени од Киро Донев, поетот и вљубеник во својот учител, чичко Ванчо Николески.

За младите поети, впечатлив настан беше и посетата на ликовната галерија „Ѓорѓија Целески“, создавана од учесници на Ликовната колонија „Дебрца“ во Белчишта, најстарата во земјата и со најголема збирка oд околу 750 дела. Зоран Целески, син на основачот на колонијата, ликовниот уметник Ѓоко Целески, не штедеше време и напор да одговори на сите нивни прашања.

Синоќа, младите литерати беа дел од атмосферата и чинот на одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, како и на предавањето на поетскиот портрет на лауреатот на светското признание „Златен Венец“ на Струшките вечери на поезијата (СВП), за 2023 година, Влада Урошевиќ во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид.

Таму, меѓу другите, ги поздрави, и им посака, еден ден, и тие да се најдат на тоа место како лауреати, претседателот на Република Македонија, Стево Пендароски, заедно со неговата сопруга Елизабета Ѓеорѓиевска- Пендаровска. Претседателот Пендаровски, секоја година, испраќа посебно Послание до учесниците. (Крај)

извор: Веле Митаноски фото: Веле Митаноски

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука