Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Преподобен Пимен Велики

Охрид, 9. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го прославуваат споменот на Преподобен Пимен Велики.

Родум од Египет. Голем подвижник. Како момче ги посетуваше прочуените подвижници и собираше од нив опитно знаење како трудољубива пчела. Еднаш, Пимен измоли од старецот Павле да го однесе кај свети Паисиј. Кога го виде Паисиј му рече на Павле: „Ова дете ќе пасе (затоа што Пимен значи пастир) многумина, со него е раката Божја.“

Со време Пимен се замонаши и кон монаштво привлече уште двајца од своите браќа. Еднаш дојде мајка им да ги види своите синови, но Пимен не ја пушти внатре, а ја праша: „Сакаш повеќе да нè видиш овде или во вечноста?“ Мајка му се оддалечи со радост, говорејќи: „Штом сигурно ќе ве видам таму, тогаш не сакам да ве видам тука.“ Во манастирот на овие тројца браќа, со кој управуваше најстариот брат, Анувиј, типикот беше ваков: ноќе четири часа минуваа во ракоделие, а четири во псалмопеење.

Дење од утрото до пладнето времето го минуваа наизменично во работа и во молитва; од пладнето до Вечерната читаа, а после Вечерната си подготвуваа вечера: тоа им беше единствениот оброк во деноноќието, и тоа обично од некакво зелје.

За нивниот живот самиот авва Пимен рече: „Јадевме тоа што ни се предлагаше, никој никогаш не рече: дај ми нешто друго или јас тоа не го сакам. На тој начин ние го поминавме сиот живот во безмолвие и во мир. Авва Пимен се подвизуваше во 5 век и мирно се упокои во длабока старост.“ (Крај)

извор: Слободен печат фото: Слободен печат

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука