Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Сдк.мк: Пет лица загинале, а 54 се повредени во сообраќајни несреќи годинава и лани на патот од Кичево до Охрид

Скопје/Охрид, 15. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Пет лица загинале, а 54 се повредени во сообраќајни несреќи годинава и лани на патот од Кичево до Охрид, каде десет години траат градежните работи за изградба на автопатот.

Според податоците на СВР Охрид, во 2022 година случени се 3 сообраќајни несреќи во кои животот го загубиле 3 лица и 13 сообраќајни несреќи во кои 20 лица добиле тешки телесни повреди и 14 лица лесни телесни повреди. Во 2023 година во две сообраќајни несреќи животот го загубиле 2 лица, додека во 14 сообраќајни незгоди 19 лица имале тешки телесни повреди и едно лице поминало со лесни телесни повреди, анализира порталот sdk.mk.

Министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Благој Бочварски неодамна истакна дека ќе започне асфалтирањето на третиот слој од Охрид кон Подмоље и кон аеродромот, Ботун и Кичево.

– Овде станува збор и за оваа делница којашто се рехабилитира и за автопатот Кичево-Охрид којашто ја затекнавме со голем број на проблеми. Проблемите се решаваат, се отклонуваат, веќе се тестира третиот слој на асфалт и се започнува со третиот асфалт, се прави избор на заштитната ограда на овој автопат и ќе започне асфалтирањето на третиот слој. Така што, ние ќе направиме се’, ги правиме сите координации, притисоци изведувачите да си ја завршат својата задача, бидејќи институциите својата задача си ја завршија. Да почне сукцесивно дел по дел да се пушта автопатот од тоа што е подготвено. Пред некој ден се заврши клучката кај аеродромот Охрид и е пуштена во сообраќај, така што продолжува секој оној дел којшто ќе биде приспособен согласно стандарди, процедури, да биде безбеден и да биде пуштен во сообраќај. Ќе почне од Охрид кон Подмоље асфалтирање на третиот слој и продолжуваме кон аеродромот Охрид, Ботун и кон Кичево, изјави Бочварски.

Во меѓувреме, веќе навлеговме во септември, што значи дека остануваат помалку од четири месеци до крајот на годината, односно до најавениот термин за завршување на работите. Со оглед на фактот дека полека доаѓа период од годината кога е можно и влошување на временските состојби, со што ќе се намали временската рамка за изведување на работите, се поставува прашањето дали ќе се стигне да се завршат најавените работи.

Иако се свесни за големината на проблемот и обемот на работите, граѓаните на социјалните мрежи апелираат да се изнајде максимално брзо решение и конечно да заврши изградбата на овој патен правец, на кој годиниве наназад е зголемен за неколку пати бројот на соообраќајни незгоди, од кои дел и со трагични последици. Тие реагираат на доцнењето во изградбата на патот, а дел се сомневаат во најавената динамика, пред се’ поради бројот на ангажирани работници и работни машини и бараат итно завршување на работите. Дел прашуваат дали ќе има одговорност за доцнењето со, како што го нарече Вицепремиерот во Владата на Република Македонија Артан Груби „несреќниот проект“, и каде се’ завршија потрошените пари.

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид трае скоро полна деценија и останува една од топ темите во охридската јавност, пред се’ поради фактот што во текот на изминатите десетина години, колку што се работи на делницата, лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе. (Крај)

извор: Сдк.мк/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука