Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Конференција по повод 65 годишнината од образованието по социјална работа и социјална политика во Охрид

Охрид, 19. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – По повод 65 годишнината од образованието по социјална работа и социјална политика, Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје организира меѓународна конференција на тема „Социјалната работа и социјалната политика во време на глобални кризи“.

Конференцијата ќе се одржи од денеска, 19-ти до петок, 22-ри септември 2023 година во Охрид. Над 130 учесници од земјата и странство ќе промовираат и дискутираат истражувања, практики и политики поврзани со теми кои се занимаваат со прашањето на глобалните кризи од различни перспективи релевантни за социјалната работа и социјалната политика.

– Трудовите и излагањата се контекстуализирани во неколку домени на анализа, вклучувајќи:Одговори на социјалните држави и социјалните политики на глобалните кризи; Социјалните услуги во контекст на повеќекратни кризи; Глобалните кризи и човековите права; Влијанието на глобалните кризи врз социјално ранливи лица, како: мигранти, бегалци, жртви на семејно насилство, невработени итн. Влијанието на глобалните кризи врз социјалната заштита, детската заштита, вработувањето, образованието и здравјето, како и Иновации во истражувањата, образованието и стручната пракса за социјалната работа и социјалната политика, информираат организаторите.

Конференцијата е под покровителство на Претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски, и се организира во партнерство со Министерството за труд и социјална политика, УНИЦЕФ, Фондацијата Фридрих Еберт, како и Федералното Министерство за социјални прашања на Австрија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука