Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Од денеска во маркетите над 50 основни прехранбени производи ќе се продаваат по 10 отсто пониски цени со ознака „гарантирана цена“

Охрид, 20. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Цените на над 50 основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со ДДВ од 5 отсто, од денеска ќе се намалат за минимум 10 отсто, најави министерот за економија Крешник Бектеши по средбата со претставници на осум синџири на маркети што се одржа во Министерството за економија на која присуствуваа директорот на Државен пазарен инспекторат Горан Трајковски и претставници на Стопанската комора.

Листата на производите, како што нагласи министерот, е направена според анализите на Државниот завод за статистика за тоа што најмногу трошат граѓаните. На оваа листа не се алкохолните и безалкохолните пијалаци, но Бектеши рече оти е уверен дека и тие ќе се продаваат со ознака „гарантирана цена“.

– Ги повикувам производителите и диструбутерите кои не се наоѓаат на листата, доброволно да се пријават за намалување на цените, односно да не се почувствуваат дискриминирани, да се пријават нивните производи да имаат ознака ‘гарантирана цена’. Јас ќе имам разговори со производителите и диструбутерите на алкохолни и безалкохолни пијалаци и чекам позитивен фидбек за да се намалат и нивните цени до 30 ноември. Има интерес од одредени компании во вакво кризно време да станат општествено одговорни компании и да им излезат во пресрет на граѓаните, изјави Бектеши и најави казни за злоупотреби согласно Законот за трговија и Законот за потрошувачи.

Тој најави дека за подобра заштита на потрошувачите, Министерството за економија изготвило ново законско решение за нефер трговски практики кое содржи одредени механизми за казнување и злоупотреба во делот на формирање цени, и овој предлог закон ќе биде поднесен во Собранието со европско знаменце.

Исто така, рече Бектеши, ќе се зголемат и надлежностите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

Министерот за економија најави и измени во делот на акциите кои можат да ги прават маркетите. Тој објасни дека ќе бидат дозволени акции на производи заради уште пониски цени од гарантираната. Но, ако има акција поради истек на рокот на некој производ, тоа јасно мора да им биде нагласено на потрошувачите за да не бидат доведени во заблуда.

Владата на Република Македонија, на предлог на Министерството за економија, донесе одлука со која се забранува на трговците кои вршат трговија на мало на земјоделски и прехранбени производи да нудат акциска продажба (акција) и промотивна продажба (промоција), со исклучок на алкохолни и безалкохолни пијалоци, при нивно ставање во промет. Оваа одлука е донесена согласно членот 29 став 1 алинеја 3 од Законот за трговија, за нарушување на домашниот пазар. Одлуката е донесена со цел да се спречи злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки.

Со оваа одлука ќе се намалат можни манипулации при ваквиот вид на продажба на земјоделски и прехранбени производи, исто така ќе се намали и ќе се спречи нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки. Одлуката е со цел граѓаните да ја знаат точната и реална цена на производот, и да не се доведуваат во заблуда со цените на прехранбените производи.

Одлуката ќе се применува до 30-ти ноември 2023 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука