Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Градскиот мешан хор Vox Lychnidos ќе учествува на натпревар во Херцег Нови и фестивал во Темишвар

Охрид, 3. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот градски мешан хор Vox Lychnidos ја започнува новата сезона и веќе најави гостувања во Херцег Нови, Црна Гора и Темишвар, Романија.

Прво ќе учествуваат на осмиот Меѓународен хорски натпревар, што од 6-ти до 8-ми октомври ќе се одржува во Херцег Нови, Црна Гора.

Овој фестивал за релативно кратко време стана препознатлив не само во регионот туку и во меѓународни рамки. Диригентот на охридскиот хор Бурим Хидри во изјава за Супер радио и OhridPress вели дека имаат подготвено специјална програма, се надева на одличен настап и освојување на награда.

– Нашиот настап е во сабота, на 7-ми октомври, сме во категорија C2. Наши конкуренти ќе бидат хорови од Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија. Имаме специјално подготвена програма. Ќе се претставиме со композициите „Sicut cervus“, „Konj“, „Besame musho“ и „Капетан“, современа композиција со фолклорни елементи од охридскиот композитор Гоце Гавриловски. Не се сомневам дека и овојпат ќе имаме енергична изведба и ќе ги освоиме симпатиите на жири комисијата и публиката, истакна Хидри.

Инаку во натпреварувачкиот дел на фестивалот ќе учествуваат вкупно 20 машки, женски и мешани хорови од Црна Гора, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија и Грузија, а Vox Lychnidos се единствени претставници од Македонија.

Веќе следниот месец охридскиот градски хор ќе патува за Романија, на фестивал во Темишвар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука