Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Градскиот мешан хор Vox Lychnidos учествува на натпревар во Херцег Нови

Охрид, 6. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од денес до недела охридскиот градски мешан хор Vox Lychnidos ќе учествува на осмиот Меѓународен хорски натпревар во Херцег Нови, Црна Гора.

Овој фестивал за релативно кратко време стана препознатлив не само во регионот туку и во меѓународни рамки. Диригентот на охридскиот хор Бурим Хидри во изјава за Супер радио и OhridPress вели дека имаат подготвено специјална програма, се надева на одличен настап и освојување на награда.

– Нашиот настап ќе биде утре, сме во категорија C2. Наши конкуренти ќе бидат хорови од Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија. Имаме специјално подготвена програма. Ќе се претставиме со композициите „Sicut cervus“, „Konj“, „Besame musho“ и „Капетан“, современа композиција со фолклорни елементи од охридскиот композитор Гоце Гавриловски. Не се сомневам дека и овојпат ќе имаме енергична изведба и ќе ги освоиме симпатиите на жири комисијата и публиката, истакна Хидри.

Инаку во натпреварувачкиот дел на фестивалот ќе учествуваат вкупно 20 машки, женски и мешани хорови од Црна Гора, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија и Грузија, а Vox Lychnidos се единствени претставници од Македонија.

Веќе следниот месец охридскиот градски хор ќе патува за Романија, на фестивал во Темишвар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука