Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Годишнина од смртта на македонскиот Цар Самуил

Охрид, 6. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Цар Самуил е роден (непознат датум) во 958, додека според историските податоци, се знае точниот датум на неговата смрт, 6-ти октомври 1014 година.

Тој е средновековен македонски владетел кој на преминот од X кон XI век формирал пространо царство на територијата на Балканскиот Полуостров.

Државата која ја создал е позната како Самуилово царство.

Историчарите го именуваат Самуил како македонски цар, истакнувајќи дека тој учествувал во бунтот на комитопулите 969 година, кога била отфрлена бугарската врховна власт во Западна и Југозападна Македонија и биле поставени темелите на македонската средновековна држава, која по него е именувана како Самуилово Царство, најголема ранофеудална државна творба на Балканот. Во негово време македонската средновековна држава го достигнала врвот во својот развиток.

Учествувал во востанието на комитопулите против византиската власт во 976 година. Во почетокот владеел заедно со своите браќа Давид, Мојсеј и Арон, а по загинувањето на Давид и Мојсеј владеел заедно со брат му Арон, но по ликвидирањето на Арона, станал единствен владетел во државата во 986 година.

Водел долга и исцрпувачка војна со византискиот император Василиј. Учествувал во сите позначајни битки и походи против Византија и далеку ги проширил границите на државата. Ги обединил под своја власт речиси сите македонски територии (освен Солун), освоил голем дел од Балканскиот Полуостров (Тесалија, Епир, Албанија, Далмација, Босна, Србија и поголем дел од Бугарија).

За Цар Самуил во периодот додека го утврдил неговото царство во Охрид, тогашен Лихнид, се поврзани бројни настани, кои останале да се раскажуваат меѓу народот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука