Економија Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Пораст на бројот на опслужени патници и реализирани летови во октомври на охридскиот и скопскиот аеродром

Охрид, 17. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во октомври оваа година Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид опслужија 290.104 патници и 2.252 летови, информираат од ТАВ Македонија.

Бројките покажуваат повторен раст во бројот на опслужени патници и реализирани летови.

– Бројот на опслужени патници во октомври ги надмина бројките од 2022 година за 32%, додека бројот на летови во октомври 2023 е за 28% поголем од октомври во 2022 година, соопштија од ТАВ Македонија.


Од 29-ти октомври на двата македонски аеродроми започна зимскиот распоред на летање, што ќе трае до 31-ви март 2024 година.

Од Охридскиот аеродром моментално летаат три авиокомпании: „Чаир ерлајнс“ и „Ерелваис“ до Цирих и „Визер“ до Дортмунд, Минхен Меминген и Виена.

Аеродромот „Свети Апостол Павле“ беше сведок на одлична летна сезона, засилена со сезонските и чартер-летови до Белград на „Ер Србија“ и до Манчестер и до Лондон („Гетвик“) на ТУИ.

Инаку, за трите квартали од 2023 година, јануари – септември, најчеста дестинација за патување од Охридскиот аеродром беше Базел (21,5% удел на пазарот), потоа Виена (21%), Дортмунд (16,4%), Меминген (11,9%), Малме (9,4%), Цирих (9,3%), Амстердам (8,8%), а останатите дестинации имаат 0,5%. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука