Скопје/Охрид, 24. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – ИКОМОС Македонија ја стави во употреба базата на податоци за состојбата на 707 православни сакрални градби (цркви и манастири) во сите осум епархии на МПЦ-ОА што се наоѓаат на територијата на Република Македонија.Базата
на податоци која е прва од ваков вид во нашата земја, произлезе како резултат на теренските увиди кои се реализираа во рамките на проектот „Мониторинг на православното културно наследство“ во текот на оваа и минатата година од страна на пет стручни тимови на ИКОМОС Македонија, како и на работата на група професионалци кои работат на нејзиното ставање во функција.
Оваа база на податоци има информативно-едукативен карактер и содржи информации за културните добра.
– Содржани се основни податоци за црквата/манастирот, опис, состојба во која се наоѓаат архитектурата и живописот, претходни интервенции, зачуваност на изворната состојба – автентичност и интегритет, како и препораки и насоки за евентуалните идни заштитни и превентивни интервенции. Сите податоци за состојбата на ова наше исклучително значајно културно наследство, како и препораките за потребата од идни превентивни заштитни мерки врз нив, се внесени во посебно креирани унифицирани обрасци, кои послужија како основа за изработка на специјализирана виртуелна база на податоци, велат од ИКОМОС.
Покрај отворениот пристап до податоци со информативен карактер наменет за пошироката јавност, оваа база на податоци особено треба да им користи на сите засегнати страни поврзани со овој вид на културно наследство како појдовна точка при носењето одлуки за идни конзерваторски и реставраторски постапки.
Проектот „Мониторинг на православното културно наследство“ се спроведува во соработка со МПЦ-ОА и во целост е финансиски поддржан од Центарот за културно наследство на Стејт Департментот на САД, како дел од неговата Иницијатива за документирање на наследството на заедниците. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива