Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Со низа активности ќе се одбележи Светскиот ден и Неделата на борба против СИДА

Охрид, 1. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на светската кампања под мотото „Let Communities Lead“ (Нека водат заедниците), Црвен крст Охрид и оваа година со низа активности ќе го одбележи 1. декември, Светскиот ден и Неделата на борба против СИДА.

И годинава ќе се потенцира значењето и важноста од заедничкото делување во борба против СИДА-та. Овој ден претставува заедничка борба, не само медицинска туку и општествена, во која секој сегмент има клучна улога.

– Со цел подигање на нивото на свеста во јавноста за СИДА и изрази поддршка на оние кои живеат со ХИВ, денес волонтерите на Црвен крст Охрид низ охридските улици, кафулиња и јавни собиралишта на минувачите, посетителите ќе им ставаат црвени панделки како универзален симбол за свеста дека СИДА-та постои и како поддршка за оние кои живеат со СИДА. Ќе се дели и едукативен материјал, кондоми и совети за превенција и заштита од ХИВ/СИДА. Во основните и средните училишта дистрибуирани се типизирани предавања со цел учениците да се запознаат со основните знаења за ХИВ вирусот, начин на пренесување и заштита, информираат од Црвен крст Охрид.

Во текот на Неделата на борба против СИДА планирани се интерактивни едукативни предавања и работилници со младите во просториите на Црвен крст Охрид и во училиштата.

Активностите организирани по повод Светскиот ден и Неделата на борба против СИДА имаат за цел да го свртат вниманието на јавноста за значењето на превенцијата и раното откривање на инфекцијата со ХИВ вирусот. И оваа година активностите во кампањата на Црвен крст Охрид за борба против ХИВ/СИДА се поддржани од Canadian for Children at Health Risk од Канада. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука