Здравје Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Светски ден на лицата со попреченост, на Охрид му е потребен Дневен центар за згрижување

Охрид, 3. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во целиот свет, денешниот ден, 3. декември се одбележува како Меѓународен ден на лицата со попреченост, само како уште едно потсетување дека на Охрид му е потребен Дневен центар за згрижување на децата со вакви потреби.

Станува збор за топло катче кое е пристапно и безбедно, каде што децата со посебни потреби можат да го остварат своето основно право на игра, вели Весна Габелоска од Здружението „Вопс“ од Охрид.

– Дневниот центар би ги згрижил овие деца на содветен начин, каде што тие ќе добијат едно место, каде достоинствено ќе го поминат денот, ќе добијат терапија, која им е неопходна за нивниот развој. Нашиот проект со Дневен центар беше одобрен од Министерството за труд и социјална политика. Минататата година, во декември го потпишавме договорот. Меѓутоа се соочивме со проблем со просторот, кој нам ни го даде општината, која всушност е и апликант за овај проект. Меѓутоа, овај проблем околу просторот требаше да оди на гласање на Влада и тука настана голем проблем. Додека се собираат сите документи, што трае со месеци, работите се заглавуваат, така што ние сега уште не сме завршиле со процедурата и не знам дали навреме ќе завршиме за да започне реализацијата на тој проект. Многу ќе ми биде жал, ако не успееме да го реализираме затоа што со години се бориме и кога стигнавме до некаде, како да се враќаме, децидна е Габелоска.

Станува збор за Грант од Светска банка и сите активности треба да бидат завршени до јуни 2024. година. Во тој период Здружението имаше шест месеци за опремување, за лиценцирање и еден месец за давање на услугата. Веќе сме декември, а барањето се’ уште не е ставено на гласање на Влада, која немала ниту седница каде оваа точка била на дневен ред.

Меѓународниот ден на лицата со попреченост се слави секоја година на 3-ти декември ширум светот. За прв пат беше прогласено годишното одбележување на овој меѓународен ден во 1992 година со резолуцијата 47/3 на Генералното собрание на Обединетите нации. Почитувањето на меѓународниот ден на лицата со попреченост има за цел да промовира разбирање за прашањата за попреченост и да мобилизира поддршка за достоинството, правата и благосостојбата на лицата со попреченост. Посветеноста на Обединетите нации за исполнување на сите човекови права за лицата со попреченост е зајакната со широко ратификуваната Конвенција за правата на лицата со попреченост и со 2030 – Агендата за одржлив развој.Тема за одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост во 2023 година е „Обединети во акција за спасување и постигнување на Целите за одржлив развој, кои се за, со и од лицата со попреченост“.

Со оглед на повеќекратните кризи на денешниот свет, постигнувањето на Целите за одржлив развој (ЦОР) е во опасност. Во средината од периодот на имплементација на Агендата 2030 година, светот не е на пат да постигне бројни цели до 2030 година. За жал, најсиромашните и најранливите во светот често се најтешко погодени во време на криза. Прелиминарните наоди од претстојниот Извештај на ОН за попреченост и развој за 2023 година покажуваат дека напредокот не е добар и постои опасност од неисполнување на неколку ЦОР за лицата со попреченост. Нашите напори да ги спасиме ЦОР за, со и од лицата со попреченост треба да се интензивираат и забрзаат, имајќи предвид дека лицата со попреченост историски биле маргинализирани и честопати биле меѓу оние кои се најдалеку оставени. Суштинската промена во посветеноста, солидарноста, финансирањето и делувањето е критична. Составен дел на ова е вклучувањето на гласовите, потребите и приоритетите на глобалната заедница на лицата со попреченост во сета нивна различност. Охрабрувачки е тоа што со усвојувањето на Политичката декларација на неодамнешниот Самит за ЦОР, светските лидери повторно се обврзаа на постигнување одржлив развој и заеднички просперитет за сите, со фокусирање на политиките и активностите што ги таргетираат најсиромашните и најранливите, вклучително и лицата со попреченост.Ова бара повторно засилени напори од страна на земјите-членки, системот на Обединетите нации, граѓанското општество и глобалната заедница на лицата со попреченост, преку засилени акции и меѓународна соработка, да ги направат ЦОР реалност за, со и од лицата со попреченост. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука