Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Охридскиот Црвен крст го одбележа Светскиот ден на волонтерството

Охрид, 5. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – По повод 5-ти декември, Светскиот ден на волонтерството, активисти на Црвен крст Охрид, под мотото „Надеж“ одржаа дефиле на волонтери, со старт од плоштад „Чинар“ и цел кај Холандскиот парк.

На дефилето беа поканети волонтери од сите возрасти и области на делување од здруженијата во нашиот град. Дефилирајќи низ градските улици на Охрид, волонтерите на одредени места изведуваа соодветни перформанси нагласувајќи ја потребата и корисноста да се биде волонтер и испраќајќи силна порака дека волонтерството е надеж за подобро утре и дека секој може и треба да го најде волонтерот во себе.

– Стар и глобален феномен со фундаментална човечка вредност, луѓето да си помагаат меѓусебно. Волонтерите се движечка сила на нашата организација и нејзиниот успех се должи токму на искрената посветеност на волонтерите на работата во организацијата, одвојувајќи дел од своето слободно време, дел од себе, од својата стручност, професионалност за помош на одредена ранлива категорија на луѓе. Честитајќи го Светскиот дел на волонтерството на сите наши волонтери и сите оние кои инспирирани единствено од слободната волја, а не од желбата за материјална или финансиска добивка, доброволно дале некоја услуга со цел намалување на ранливоста на населението, повикуваме секој да го пронајде волонтерот во себе, бидејќи волонтерството е „Надеж“ за подобро утре, потенцираат од Црвен крст Охрид.

Додаваат дека заедно создаваме безбедни услови и креативни можности за секој да може да го почувствува задоволството и богатството на волонтирањето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Црвен крст Охрид

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука