декември 8, 2023

Охрид, 8. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во изложбениот салон при НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид синоќа беше отворена традиционалната изложба на Фото клубот „Охрид“, по повод Јубилејот – 25 години од формирањето, а како дел од манифестациите за одбележување на празникот Св. Климент Охридски – Патрон на градот.

– Јубилеите секогаш се одличен повод да се слави траењето, постојаноста и посветеноста на универзалните човечки вредности. Особено во времиња на брзо живеење, непостојаност, несигурност и сеприсутност на сомнителни вредности. Токму заради ова, одбележувањето на четврто век од постоењето на Фото клуб „Охрид“ е голем и убав настан на кој сите треба да сме особено горди. Формиран од група ентузијасти, вљубеници во фотографијата, пред точно 25 години, опстојува и расте и постојано се подмладува, токму на темелите на таа љубов и ентузијазам. Стана препознатлив белег на градот, кој секако е најголемата и неисцрпна инспирација за неброено многу мигови од неговиот живот овие 25 години, украдени од минливоста и заборавот. Клубот денес е препознатлив, не само во Охрид, туку и многу пошироко. Како дел од Фото сојузот на Македонија, постојано е присутен на сите поважни настани во земјата, регионот и подалеку,  а кои ја слават фотографијата и нејзината волшебна моќ да го запре времето, мигот да го претвори во вечност. Нека е честит јубилејот, нека трае Фото клубот „Охрид“, стои во пораката по повод јубилејот.

Автори: Анета Јованоска, Димче Коруноски, Лихнида Спироска, Ѓоко Симјаноски, Димче Мајковски, Катерина Василевска, Лазар Коњановски, Љупчо Пауноски, Маријана Пипилева, Сања Бачевски, Петар Боев, Лидија Стефановска, Дарко Бошњакоски, Јасна Христовска, Љубица Трајческа и Зоран Летра. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Димче Мајковски

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука