Скопје/Струга, 10. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Стружанецот Јован Митрески ќе биде нов претседател на Собранието на Република Македонија, одлучи раководството на СДСМ на вечерашната седница на Извршниот одбор, на која беше потврдена оваа одлука.
Митрески е координатор на пратеничката група на партијата, а од крајот на јануари ќе биде претседател на Собранието на Република Македонија, на местото на Талат Џафери, кој 100 дена пред парламентарните избори ќе стане премиер во техничката Влада.
Портпаролот на СДСМ Дарко Каевски вечерва истакна дека Митрески е партиски избор за нов претседател на Собранието бидејќи е пратеник со долгогодишно искуство, чесен, вреден и посветен на граѓаните и државата.
– Сигурни сме дека Митрески ќе ја извршува функцијата на највисоко ниво и во интерес на граѓаните, рече Каевски.
ДУИ претходно информираше дека одлучиле Џафери да ја преземе функцијата технички премиер од 28-ми јануари, а според најавите, истата ќе ја извршува се’ до изборот на новата Влада.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека партиските тела доправа ќе носат одлука дали ќе номинираат свои министри и заменици или нема да прифатат да бидат дел од техничка влада предводена од Талат Џафери. Ваквите најави од опозициската партија, СДСМ ги толкуваат единствено како алиби, за катастрофалниот пораз кој ги очекува на претстојните избори.
Јован Митрески е роден на 20-ти ноември 1980 година во Струга. Дипломиран економист на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Прилеп. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива