Охрид, 14. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од 2012 до 2023 година, локалните коалиции во Охрид потрошиле над 211 илјади евра за изнајмување на новогодишни сијалички и светлечки материјали. Овие реквизити се изнајмени од Друштво за трговија, производство и услуги „Метал-Ват-Ел ДООЕЛ“ увоз-извоз Скопје, додека другиот дел го спроведува ЈП „Комуналец“ – Охрид, стои во дописот до медиумите од Локалниот огранок на партијата Левица од Охрид.
– Низ годините наназад, вработените во Општина Охрид, предводени од двоецот СДС-ДПМНЕ ако умееја мудро да управуваат со парите, можеше до сега да направат многу повеќе за празничниот божиќен амбиент и да набават украси и реквизити кои ќе останат трајно во сопственост на општината. Со изнајмувањето на сијалички секоја година континуирано, локалните моќници го заштитуваат бизнисот на „Метал-Ват-Ел“ и сопствените интереси. Овој начин на делење на тендери дополнително е доказ за недомаќинското трошењето на парите од страна на кадрите на СДС и ДПМНЕ, без да се земат предвид реалните потреби и приоритети на охриѓани, стои во дописот.
Од партијата ја објавија и листата на потрошените средства во текот на последните 9 години, период за кој се исплатени вкупно 211.864 евра од кои:
2015 година – 22,869 евра;
2016 година – 23,024 евра;
2017 година – 16,249 евра;
2018 година – 30,292 евра;
2019 година – 28,942 евра;
2020 година – 20,600 евра;
2021 година – 20,600 евра;
2022 година – 20,536 евра и
2023 година – 28,752 евра.
– Со вакво нерационално работење, секоја година се одлеваат пари од општинската каса во приватните џебови, наместо јавните претпријатија да ги зајакнат своите капацитети во обезбедување услуги на граѓаните. Левица јавно го повикува Градоначалникот на Општина Охрид за наредното новогодишно украсување да ги користи само јавните претпријатија, а се’ што недостасува како реквизити за украсување, да биде купено и да остане во сопственост на градот, стои во дописот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес