Економија Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Директорот на М-НАВ Фахрудин Хамиди тврди дека огласот за советник бил објавен „по грешка“

Скопје, 18. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Директорот на М-НАВ Фахрудин Хамиди категорично ги отфрли обвинувањата на синдикатот дека се распишани огласи за партиски вработувања.

Спорниот оглас за позицијата човечки ресурси, кој се појави на страницата на Агенцијата за вработување и за кој синдикатот се сомнева дека е обид да се вработи екс-директорот Миѓен Селмани, тврди дека бил објавен по грешка, бидејќи таков оглас од раководството на М-НАВ воопшто не бил побаран, јави Канал 5.

– Гледам дека проблематични, условно речено „демек“ се, сме објавиле оглас за човечки ресурси, тоа не е точно, тоа е некаде проблемот настанал во Агенција за вработување и сметам дека тоа, ние со допис веќе денеска ќе се обратиме да видиме зошто и таму е пројавено. Такво нешто од наша страна не е излезено кон Агенција за вработување. Значи таму е настаната грешка, таков оглас воопшто не е побаран? Апсолутно да, не е побаран, истакна Хамиди.

Што се однесува до другиот оглас, каде се предвидуваат десет вработувања, Хамиди кажа дека е според регулативите и финансискиот план за 2023 година, оти бил потребен кадар поради пензионирања.

Сепак, од синдикатот на М-НАВ не се откажуваат од барањето и тој да биде поништен или објавен со промените критериуми, во спротивно остануваат на намерата да одржат предупредувачки штрајк на 25-ти декември без авио-сообраќај од 10 до 17 часот, а ако и тоа не помогне и затворање на небото за Новогодишните празници..

– Се’ она што е договорено, директорите се прават обиди да го минимизираат, бајпасираат, да заобиколат околу тие потребни квалитети што се бараат за да протнат кадри. Ако навистина е грешка тој оглас, тоа е само доказ дека тие лица кои ги пласираат тие огласи, кои треба да ги направат, не си ја знаат својата работа. Не може 10-15 души кои што треба да си работат својата работа, да не знаат да направат еден оглас. Од таа грешка, директорите треба да сфатат дека заврши времето кога се примаше се’ и сешто, вели Александар Тасевски, претседател на синдикатот на контролорите на летање.

Директорот Хамиди посочи дека раководството строго се придржувало до ланскиот договор кој го посредуваше министерот Бочварски, кога настана проблем за вработувањето на контролорите на летови, а обвинувањата беа дека раководството, наместо најдобрите, сакало да ги прими партиските кандидати. Во наредниве два-три дена се очекува средба помеѓу синдикатот и раководството, за да се расчистат недоразбирањата, посочи Хамиди. (Крај)

извор: Канал 5 фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука