Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Врз основа на остатоците, научници го реконструираа ликот на Свети Никола

Охрид, 19. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во 1953 година, во Бари, Италија, била отворена гробницата на Свети Никола со цел да започне процес на санирање на штетата од водата која се насобрала во криптата во текот на годините.

Откако реставрацијата била завршена, во 1957 година, италијанскиот професор по анатомија на Универзитетот во Бари Луиџи Мартино беше првиот модерен и единствен до денес истражувач кој направи целосна анализа на коските на светецот. Неговите анатомски откритија даваат поинаква слика за тоа како изгледал Свети Никола, пишува forbes.com во написот кој датира од 2015 година.

Подоцна таа година, Мартино ги објавил своите наоди од рендгенските снимки и мерењата на коските. Според истите, станува збор за останки на маж, кој во моментот на смртта имал над 70 години. Бил со просечна височина за тоа време од околу 167 сантиметри, со витка до просечна градба. Краткото, широко лице на Свети Никола било со широко чело и благо испакната брада. Носот со средна ширина открил докази за излечена фрактура. Како што било вообичаено кај луѓето на таа возраст во тоа време, Свети Никола имал  хроничен артритис на ‘рбетот.

– Според структурата на черепот и скелетот, светецот бил со средна висина и темна кожа, високо чело, имал испакнати јаболчници и брада, скелет со средна јачина. Антрополошките студии на остатоците покажуваат дека тој не јадел месо, туку само растителна храна. Утврдена е и висината на свети Николај Чудотворец, кој според истражувањето бил висок 167 сантиметри, вели Мартино.

Оштетените зглобови, ‘рбетот и градната коска сведочат за маките што ги претрпел Свети Никола во затворот каде бил измачуван со истегнување, како и многу други христијани за време на прогонот. Радиолошки преглед на черепот открил големо внатрешно набивање на коските на черепот. Професорот Мартино смета дека овие промени се предизвикани од долгорочните ефекти на затворот, студот и влагата.

Врз основа на оваа темелна анализа на скелетот, низ годините се направени бројни реконструкции во обид да се открие како навистина изгледал Свети Никола.

Една од последните посериозни реконструкции датира од декември 2014 година и е направена од форензичарот Caroline Wilkinson од Универзитетот Liverpool John Moores. Таа користела податоци за длабочината на ткивото кое е вообичаено за мажи од Турција, каде што е роден Свети Никола, заедно со посебни CGI техники за компјутерско генерирање на слики за да стигне до претпоставениот изглед на светецот. (Крај)

извор: forbes.com фото: forbes.com/Caroline Wilkinson

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука