ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Течат подготовките за Бадниковата поворка

Охрид, 20. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во тек се подготовките за Бадниковата поворка во Охрид.

Во насока на негување на традиција на православно празнување на Бадник, со пеење на православни црковни песни, на 6-ти јануари, стотици деца низ охридските улици ќе ја пеат Вечниот Бог. Интересот за учество е голем, секоја сабота во спортската сала на ОУ „Христо Узунов“ се одржуваат пробите, вели за Супер радио и OhridPress Летка Филипова, главен координатор на настанот за Охрид и охридско.

– Пробите се во тек, секоја сабота од 13:00 часот. Некои од децата веќе ја знаат песната. Ќе ни се придружат поворки од Дебрца, Велгошти… Учесниците во поворката ќе носат ѕвезди што ја симболизираат ѕвездата деница што го покажала патот на мудреците до пештерата. На градскиот плоштад децата ќе бидат пречекани од градоначалникот, а ќе им бидат поделени и пригодни подароци, додаде Филипова.

Големата Бадникова пештера, која наликува на онаа во Витлеем каде што е роден спасителот Исус Христос, и годинава ќе го краси Градскиот плоштад во Охрид и ќе биде поставена деновиве.

Бадниковата пештера е подарок за градот од Бигорскиот манастир, а е дело на вредните монахињи од манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во Рајчица. Широка е 2,5 метри и висока 3 метри. Направена е од различни природни материјали, уникатно украсена и збогатена со иконата на Рождеството Христово и кандилце. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука