Здравје Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Меџити: „Трикафта“ пристигна на Детската клиника, секогаш во прв план ми биле пациентите и нивното здравје

Скопје, 21. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити одржа прес-конференција во Владата на Република Македонија по повод пристигнувањето на лекот „Трикафта“ за пациентите со цистична фиброза.

– Се сеќавам пред неколку месеци на кризата која се создаде поради бирократските процедури кои создадоа паника кај пациентите со цистична фиброза, оправдан беше нивниот револт, на нивните семејства, блиски. Оправдан беше и револтот на јавноста, а ние како Влада нешто мораше да смениме. Како министер за здравство, а пред сѐ како долгогодишен лекар секогаш во прв план ми биле пациентите и нивното здравје. И секогаш сум се залагал сите потреби во однос на лекови, дијагностика, во однос на помагала, нешто што е секојдневна потреба на пациентите да бидат решени колку што може побрзо, веднаш! Бирократските препреки не смејат и не треба да бидат причина за здравјето на граѓаните, вели Меџити.

Како што додава лекот „Трикафта“ е веќе на Универзитетската клиника за детски болести.

– Со 100 милиони денари набавена е терапија за следните месеци. Дополнително предвидени се 854 милиони денари за лекот, за 2024 и 2025 година, со што во следните две години пациентите со цистична фиброза се обезбедени со терапија. Пациентите со цистична фиброза, етапно се вклучуваат на терапија, согласно Протоколот и прецизни критериуми на евалуација, се одлучува за добивањето терапија. Листата на пациенти е направена од страна на Стручна Комисија, по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза, според бодирање, посочува Меџити.

Тој потсетува дека лекот „Трикафта“ е безбеден лек, одобрен од Европската медицинска агенција.

– Тоа што е многу важно ефектот од терапијата е брз, значителен и одржлив. Лекот во Европа е стандардна терапија за третман на пациенти со цистична фиброза. Како министер сум отворен и транспарентен со пациентите да ги слушнам кои се вистинските нивни потреби и кој е начинот на кој би ги решиле. Решенијата кои ги носиме не се наметнати туку имаат вистински ефект, изјави Меџити. (Крај)

извор: Влада на РМ фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука