Забава Избор

„Божиќен ден“, нова песна на Александар Петрески и Тина Русева

Охрид, 24. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – „Божиќен ден“ е насловена новата песна на Александар Петрески и Тина Русева.

– Среќата станува двојна, кога ќе се подели. Инспириран од темата на книгата со трите зајачиња (Drei Häschen im Weihnachtsgewimmel – mit Tannenbaum unterm Sternenhimmel, Aspasija Topalovska Petreska), дојдов до идеја да ја напишам оваа божиќна детска песна, во која e даден поглед на среќата која децата ја чувствуваат за божиќните празници или како што се вели, најубавото време во годината. Но дали секое дете исто ја чувствува таа среќа? „На овој прекрасен ден, делиме се’, божиќен ден, носи среќи две волшебни сни, подари ги…“ Јас ја поделив среќата со Тина и таа навистина стана двојна. Со задоволство Ви ја претставувам мојата авторска песна „Божиќен ден“, вели Александар.

Музиката е стара оригинална идеја, која тој вели дека му ја свирел и пеел на неговиот син кога бил бебе.

– Во моментот кога бев скоро на пат сам да ја довршам новата божиќна песна, сосем случајно ја открив Тина Русева, Македонка од Струмица, која живее во Германија во моја близина. Таа е огромен млад вокален талент и професионалец, кој внесе волшебство во оваа песна. Мојата цел е да оставам препознатливост и музика која ќе трае. Посакувам што поголемо слушање и ширење позитивна и божиќна енергија. За сите деца и за сите возрасни! Сподели ја песната за двојна среќа, вели охридскиот музичар.

Музиката, текстот, аранжманот, продукцијата и мастерингот на песната се на Александар Петрески, кој заедно со Тина Русева ги пее и вокалите. Александар се погрижи и за видео продукцијата и видео записот на неговата нова песна. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука