Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

ООУ„Кочо Рацин“ развива мостови на пријателство ширум Балканот

Охрид, 26. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Пополнувајќи ги последните страници од 365 страни во 2023 година, раскажавме уште една успешна приказна, информираат од Основното училиште „Кочо Рацин“ од Охрид.

– Ако учебната година ја започнавме со стартување на проектот „Мостови на пријателство“ и реализација на првата мобилност кај нас во Охрид, крајот на првото полугодие го краси реализираната втора средба во рамките на овој проект која овојпат се реализира во Белград, Република Србија. Домаќин на втората средба беше ОУ „Веселин Маслеша“ од Белград каде 11 ученици од нашето училиште заедно со директорката и две наставнички од училиштето беа гости во периодот од 21-ви до 24-ти декември, се’ со цел да се поттикне личениот раст и развој на учениците во насоката во која веќе пројавиле интерес или имаат претходни знаења и искуства и да им се помогне да се изградат во индивидуи кои придонесуваат и се грижат за здравјето, менталниот дух и заедницата. На средбата исто така учествуваа и 9 ученици од третото збратимено училиште ОУ„Веселин Маслеша“ од Фоча, Босна и Херцеговина. На средбата 40 здружени учениците учествуваа во спортски игри каде го јакнеа спортскиот дух преку дружење и натпреварување. Учествуваа во две работилници на тема „Емпатија“ каде преку различни групни активности ги зајакнуваа социјалните вештини и го подобруваа нивното ментално здравје. Во рамките на третиот ден од посетата учениците заедно со своите наставници имаа можност да се запознаат и да ги истражат убавините и историјата на Белград преку посета и предавања од стручни лица во најголемата црква на Балканот црквата „Св. Сава“, потоа посета на црквата „Св. Марко“ и гробот на цар Душан, посета на Музејот на Никола Тесла, Собранието, Главниот плоштад „Теразије“, улицата „Кнез Михалова“ и Калемегдан. Вечерните часови беа можност за дружење и забава со одлична музика како и посета на различни спортски натпревари на кои се натпреваруваа нивните домаќини и притоа одлично се забавуваа, информираат од училиштето.

Додаваат дека за наставниците била организирана меѓународна стручна трибина на тема: „Значењето на регионалната соработка во функција на унапредување на воспитно-образовната работа“ во која свое предавање на тема: „Примена на еТвининг како иновативна и едукативна алатка во училиштата“ одржа и наставничката Силвана Крстеска.

– Значаен настан во процесот на градење на „Мостовите на пријателство“ беше остварувањето средба со Лидија Демниева, претседател на Здружението на Македонци во Белград „Кочо Рацин“, која е потомок од семејството на патронот на нашето училиште Кочо Рацин. На овој емотивен настан за сите нас оддадовме заедничка почит на животот и делото на нашиот великан. Со солзи во очите, силни прегратки и желби за што побрзо повторно видување на сите, но овојпат во Фоча, Босна и Херцеговина средбата успешно заврши, информираат од Основното училиште „Кочо Рацин“ од Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука