ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

МТТФ ја заокружи 2023 година со пехар за најдобра кадетка во Европа и рекорден број од 266 освоени медали

Охрид, 27. декември (ОХРИДПРЕС) – Годината што изминува ќе остане запаметена како исклучително успешна за Македонската традиционална таеквондо федерација.

После 31 година доби решение за дејност спорт, учествуваа на бројни натпревари, а во витрините го имаат и пехарот за најдобра кадетка во Европа, што го освои Христијана Парулеска како прв пехар во историјата на македонскиот спорт, кога се работи за индивидуални спортови. Таеквондистите учествуваа на 10 меѓународни натпревари и освоија рекордни 266 медали.

Првиот човек на Македонската традиционална таеквондо федерација, Марјанчо Лазаревски е повеќе од задоволен од постигнатото.

– 2023 е далеку најуспешна година за македонската традиционална таеквондо федерација. После 31 година добивме решение дејност спорт, наша федерација, потоа го организиравме официјално првото државно првенство. Учествувавме на Европско првенство во Јесоло, Италија. Христијана Парулеска се натпреваруваше во две дисциплини, освои прво место во борби и второ место во форми. Со два освоени медали и со најдобар резултат таа доби пехар за најдобра кадетка во Европа што е прв, историски пехар во историјата на македонскиот спорт во индивидуални спортови. Годинава учествувавме на 10 меѓународни натпревари, освоивме рекорден број на медали – 266 и 12 пехари за најдобри поединци. Учествувавме на Светското првенство во Астана, Казахстан, каде Христијана Парулеска го освои бронзениот медал во борби, а Елена Јанеска и Давид Крстески стигнаа до петто место. За жал, Христијана Парулеска во полуфиналето во форми мораше да ја предаде борбата поради повреда од која сѐ уште закрепнува. Инаку несомнено, таков беше впечатокот дека ќе го освои првото место, потенцира Лазаревски.

Тој истакна дека се една од ретките македонски репрезентации каде сите репрезентативци што учествувале на натпревари стигнувале до четвртфинале, односно до позиција за медал.

Најдобрата кадетка во Европа Христијана Парулеска годинава беше наградена и со Повелбата „Св. Климент Охридски“ – Патрон на Охрид и е прва охриѓанка која на само 14 години добива вакво признание.

Лазаревски му се заблагодари на спонзорот и институциите кои им давааат поддршка на патот кон нивните успеси.

– Сакам да се заблагодарам на генералниот спонзор „ПН Метал“ како најзаслужен за сите наши успеси, успеа од спорт кој едвај преживуваше да направи да прерасне во еден од најдобрите спортови во Македонија и се надеваме да продолжиме понатаму со уште посилно темпо. Благодарност и до Општина Охрид и градоначалникот Кирил Пецаков, како и до Агенцијата за млади и спорт, додаде Лазаревски.

На синоќешната коктел средба МТТФ им оддаде признание и на поддржувачите, а благодарница за медиумската поддршка добија и Супер радио и OhridPress.

Плановите за следната година се учество на Европско првенство и Светски Куп, со надеж дека од овие престижни натпревари ќе се вратат со медали. Секако кон крајот на јуни ќе се организира Mеѓународниот Таеквондо ИТФ натпревар „Охрид Опен 2024“, за кој веќе има најави дека ќе учествуваат голем број натпреварувачи, особено од соседна Грција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука