Економија Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Започна новогодишниот викенд во Охрид (Фото)

Охрид, 29. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Се’ поголемите гужви на улиците во центарот на градот, кејот на кој има бројни шетачи и полните угостителски објекти се одличен показател дека започна новогодишниот викенд во преубавиот Охрид, последен во 2023 година.

Пријатните температури, попладневното сонце и преубавиот град се вистински магнет за гостите од државата, соседството и целиот свет да поминат неколку дена во Охрид.

Според најавите, Охрид ќе биде солидно исполнет за празниците, а задоволни се и туристичките работници. Најбројни ќе бидат туристите од соседството, Србија, Бугарија, Грција, а нема да изостанат и домашните гости. Охриѓани пак новата година во најголем број ќе ја дочекаат во домовите, угостителските објекти и на плоштадот, а дел одлучија и да патуваат и надвор од нашата земја.

Подготвени се и угостителите, а градот нуди и организиран дочек на Градскиот плоштад. Денеска, со почеток во 12:30 часот се одржа театарската претстава „Ракавиците на Дедо Мраз“. За утре, 30-ти декември предвидена е детската претстава „Далматино и Дедо Мраз“, а на 31-ви декември на плоштадот ќе биде одржан музичко-театарскиот спектакл за деца и млади „Новогодишна детска бајка“.

Богата програма и за највеселата ноќ. За забавниот дел на дочекот на новата година в недела на Градскиот плоштад во Охрид од 21:00 часот ќе се погрижат диџеите Jana Slayy и Багзи, Татијана Стефановска, групата DNK, Нино Величкоски и групата „Фортуна“.

Во понеделник, на 1-ви јануари 2024 година, точно на пладне ќе настапат групата Balkan Jam и Драган Мијалкоски.

Според метеоролозите за и околу Нова година ќе имаме релативно топло и сончево време со умерена облачност и температури од 12-14 степени. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука