Избор Охрид Хроника

Минатиот месец запленети 30 килограми риба во водите на Охридското Езеро

Охрид, 6. август 2015 (ОХРИДПРЕС) – Повеќе рибарски мрежи во вкупна должина од околу 500 метри, околу триесет килограми разновидни парчиња риба и стотина примероци на риболовен алат, прибор и друга опрема, се пронајдени и одземени при патролите на полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ во текот на минатиот месец.

Акциските контроли на езерската полиција се реализираат по целата должина на езерската гранична линија но и во останатиот дел од територијалните води на езерскиот басен.

Во неколку одделни акции, на околу еден километар од граничната линија во близина на Радожда, во македонските територијални води при обид за контрола, вкупно пет албански државјани-риболовци биле затекнати во нелегален риболов. Тие ги фрлиле мрежите и целокупниот рибарски алат и со чамецот се обиделе да пребегнат. Поради илегален премин на државната граница и незаконит риболов, лицата биле запрени од полициските службеници по што од нивните чамци одземен е улов од риба-пастрмка и белвица, метални канџи и друга рибарска опрема.

Во незаконит риболов во водите на Охридско Езеро, затекнати се и седум македонски државјани, од кои шест од Охрид и еден од Скопје. Двајца од нив со рибарска мрежа од околу 40 метри и со нерегистриран чамец ловеле на околу 500 метри од градското пристаниште. Уловената риба-белвица заедно со мрежата и целокупната опрема е одземена.

– На потегот помеѓу Пештани и Св.Наум полициските службеници пронајдоа една висечка рибарска мрежа во должина од сто метри и поголема количина Охридска белвица. Во две одвоени патроли, скопјанец и охриѓанец, се затекнати во лов на риба-крап со недозволено средство-подводна пушка-харпун, информираат од СВР Охрид.

Согласно законот за внатрешна пловидба а поради непочитување на забраната за движење на пловни објекти, против 4 лица поднесени се 4 прекршочни пријави кои се проследени до Капетанија на пристаништа како и четири кривични пријави за незаконит риболов.
Од први јули заради поголема безбедност во пловидбата и на капачите, заштита на животната средина како и намалување на рибокрадството стапи на сила ограничувањето за пловидба на скутери и чамци по водите на природните езера во Македонија. Забраната за движење на скутери е до 31 август, во периодот од 11 до 19 часот низ Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Чамците не смеат да пловат по езерските води од 21 до 05 часот. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука