Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Свети маченик Бонифатиј

Охрид, 1. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го слават споменот на Свети маченик Бонифатиј.

Мачеништвото за Христа од грешникот прави светител. Тоа го покажува примерот на светиот Бонифатиј. Тој најпрвин беше слуга на некоја богата и развратна жена во Рим, Аглаида, со којашто имаше нечиста и незаконска врска. Обајцата беа незнабошци. Еднаш Аглаида посака да има во куќата маченички мошти и да ги чува како амајлија што штити од зло. Затоа го прати својот слуга во Азија, за да најде и да ѝ купи мошти.

Бонифатиј зеде со себе неколкумина робови и доста богатство, а при разделбата ѝ рече на својата господарка: „А ако не можам да најдам никаков маченик и ако ти го донесат моето тело, госпоѓо, пострадано за Христа, ќе го примиш ли со чест?“ Аглаида се насмеа и го нарече пијаница и грешник. Така се разделија. Кога дојде во градот Тарс, Бонифатиј виде мнозина христијани на маки: едни со отсечени нозе, други без раце, трети избодени, четврти на бесилки итн. Нему му се измени срцето, се покаја за својот грешен живот и заплака. И сред христијанските маченици возвикна: „И јас сум христијанин!“ Судијата го подложи на маки, нареди и грозно го биеја, потоа му истурија врело олово во устата и бидејќи тоа не го повреди – му ја отсекоа главата со меч. Робовите го зедоа неговото тело и го однесоа во Рим.

Ангел Божји ѝ се јави на Аглаида и ѝ рече: „Прими го оној што некогаш ти беше слуга, а сега ни е брат и сослужител; тој ти е чувар на душата и заштитник на животот“. Ужасната, Аглаида излезе во пресрет, го прими телото на Бонифатиј, му изгради црква и во неа ги положи моштите на маченикот. Таа потоа се покаја, им го раздаде сиот свој имот на бедните, а самата се повлече од светот и поживеа уште петнаесет години во горко покајание.

Свети Бонифатиј пострада во 290 година. (Крај)

извор: Слободен печат фото: Слободен печат

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука