Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Дванаесет години од смртта на првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров

Скопје, 1. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Пред дванаесет години, во Скопје, на 94-годишна вораст почина Киро Глигоров, првиот претседател на независна Република Македонија.

Киро Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. Беше претседател во два мандата, од 1991 до 1999 година.

На 17-ти ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот. На 8-ми април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации кога Република Македонија стана 181. членка на ОН.

По пензионирањето Киро Глигоров беше активен како публицист. Автор е на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател: „Македонија е сè што имаме“ (2001 година), „Атентат – ден потоа“ (2002 година), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот“ (2004 година) и „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006 година). Тој е основач и на фондацијата „Киро Глигоров“.

На 3-ти октомври 1995 година, во 09:50 часот тој преживеа атентат со автомобил-бомба, поставен на улицата „Македонија“ во непосредна близина на хотелот „Бристол“ во Скопје. Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија“.

Роден е на 3-ти мај 1917 година во Штип. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука