Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Намален бројот на случаи на Covid-19, се зголемува бројот на лица заболени со грип, најмногу ги има во Скопје и Охрид

Скопје/Охрид, 8. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Додека во соседството расте бројот на заразени со Covid-19, кај нас ситуацијата е поинаква и бројот на позитивни случаи на Covid-19 бележи тренд на опаѓање, информира Злате Мехмедовиќ од комисијата за заразни болести.

Според него, ако бројот на заразени во октомври бил околу 530, во месец ноември тој бил преполовен односно пријавени биле 229 случаи. Најмногу заболени има во Скопје и Охрид, а Мехмедовиќ потенцира дека најзафатена од вирусот е старосната група над 65 години. Од таа причина тој апелира оваа група на граѓани да се вакцинира или да ја прими дополниителната бустер доза. Во однос на хоспитализираните случаи, Мехмедовиќ вели дека тие се со полесни симптоми.

– Не гледаме како порано луѓе коишто често завршуваат на респиратори и вентилација, напротив поголем дел од нив се без кислородна поддршка или со многу мало количество на кислородна поддршка која што е потребна за оддржување во живот. Празни се практично одделенијата на инфективните клиники. Во земјата нема преполнување на болничките капацитети, вели Мехмедович.

Од друга страна, расте бројот на заболени со грип или заболувања слични на грип. Според податоците на Комисијата за заразни болести во последната недела од 2023 година, во земјава биле пријавени 403 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип, односно за 96,6% повеќе во однос на претпоследната недела од годината. Според податоците најбрзо ширење на грипот има кај децата од 0 до 4 години. Мехмедовиќ објаснува дека најголемиот број од случаите е со заболувањата слични на грип, додека регистрирани случаи на грип имало само 5, што според него е бројка сосема нормална за овој период од годината.

– Иако зборуваме за тоа дека се работи за голем број заболени од грип, всушност се работи за голем број заболени кои што имаат симптоми на грип, меѓутоа причинителот не е вирусот на инфлуенца. Пикот се очекува да биде кон крајот на февруари и почетокот на март, зборуваме на оние кои точно ќе бидат дијагностицирани со грип, дециден е Мехмедовиќ.

Во меѓувреме во соседството се влошува епидемиолошката состојба. Албанскиот институт за јавно здравје соопшти дека се пријавуваат над 11.000 случаи на респираторни инфекции неделно, а расте и бројката на заразени со Covid-19. Слична ситуација има и во Грција, каде учениците денеска се враќаат во училишните клупи, но со препораки од Националната организација за јавно здравје за редовно миење раце, редовно проветрување и оддржување растојание. (Крај)

извор: Канал 5 фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука