Избор Култура Македонија Општина Вевчани ТОП ВЕСТИ

Со дефиле под маски денеска почнува Вевчанскиот карневал

Вевчани, 13. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Идет… Вака Вевчанци веќе период наназад го најавуваа годинешното издание на традиционалниот Вевчански карневал, каде преку маските со векови наназад тие „го бркаат злото“.

Синоќа со музичката програма започна Вевчанскиот карневал, едно од главните обележја на Република Македонија за празникот Св. Василиј, односно Василица. Од 19:00 часот настапија DJ Ampov, по кого следуваа Јанг Дади, Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд и групата Нокаут.

Маските по традиција се чуваат во тајност, сé до дефилето на двете василичарски друштва од Горна и Долна маала, што ќе се одржи денеска во попладневните часови кога цело Вевчани станува еден голем театар на отворено и сета енергија на василичарите се впива во преубава атмосфера.

Вечерва продолжува музичката програма со настапите на Акустик бенд, Наум Петрески, оркестарот со зурли и тапани Вевчани, Перо Бели и Коки Биоритам.

Манифестацијата завршува утре со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.

Вевчанскиот карневал, според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. Тој е еден од најпознатите брендови на Република Македонија од овој вид, кој традиционално се одржува на 12-ти, 13-ти и 14-ти јануари. Така е со векови, а можеби и со милениуми, една од најстарите традиции на Македонија и Вевчани која се претпоставува дека има континуитет најмалку 1.500 години. Постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2.200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но веќе години наназад има и богата музичка програма. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука