Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Охрид се украсува за Водици, подготовките при крај (Фото)

Охрид, 17. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охрид се украсува во пресрет на големиот христијански празник Водици.

Оперативните служби на ЈП „Охридски комуналец“ го расчистуваат делот од градското пристаниште од каде верниците влегуваат во езерските води по Светиот крст, за што е ангажирана и специјална механизација.

Нивни екипи го украсија централното градско подрачје и градското пристаниште во знакот на Богојавленските празнувања, а јавната хигиена на локациите каде ќе се одвиваат настаните се одржува на највисоко ниво.

Прославата на празникот на 19-ти јануари ќе започне со утринска богослужба од 07:00 часот додека божествената литургија ќе почне во 08:30 часот. Чинот на положување на Чесниот крст во водите на езерото ќе биде во 10:00 часот на Градското пристаниште.

Централната прослава на празникот ќе биде во црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско каде ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

По чинот на Богојавленскиот водосвет, на градскиот плоштад ќе се одржи забавна програма за посетителите, а ќе настапи групата Next time.

Во 12:00 часот во месноста Сараиште ќе има групно крштевање, а заинтересираните може да се пријават кај парохискиот свештеник во црквата Св. Никола Геракомија.

На денот на празникот, во Центарот за култура „Григор Прличев“, во организација на Црвен Крст од 09:00 до 15:00 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука