Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Во првите две недели од годинава во Охрид се регистрирани 133 заболени од грип, сезонава се вакцинирани 2.513 лица

Охрид, 17. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во првите две недели од годинава во Охрид се регистрирани 133 заболени од грип, што е висока бројка за овој период во споредба со претходни години.

После новогодишните празници имаме нагло зголемување на бројката на заболени од грип, претежно се помлади лица кои не се вакцинирани. Има и ковид позитивни, но не се многу, неделно по 3-4 случаи, зборувам за оние што се евидентирани,
вели за Супер радио и OhridPress специјалист епидемиолог д-р Јованка Стурлакова Коровешоска.

– Ако во 51 и 52 недела од 2023 година имавме максимум до 10 случаи, во првата недела од 2024 имаме 52 случаи на грип, во втората 81, значи расте бројката. Моментално циркулира Инфлуенца A H1. Земени се 22 примероци на брис од грло и нос и кај сите тие е изолиран Инфлуенца A H1, тоа е типот од кој сме заштитени со вакцината, што е четиритипна. Оние кои се вакцинирани и да заболат, се со многу лесна клиничка слика. Што се однесува до ковид има позитивни, има, но не се многу. Оние кои бараат помош во инфективно задолжително им се прави и брз тест за ковид што е високосензитивен, исто и на интерно, вели д-р Стурлакова Коровешоска.

Грипот во Охрид и натаму држи интензитет, досега евидентирани 189 заболени

Додава дека претходни сезони, освен кога доминираше ковидот, голем број на заболени од грип имаше со почнување на второто полугодие од учебната година. Оваа година бројките почнаа да растат многу порано, а причините се масовните собирања пред Нова година, прослави, блиски контакти.

Д-р Стурлакова Коровешоска потенцира дека во споредба со други сезони голема е бројката на вакцинирани против сезонски грип, досега се имунизирале 2.513 лица, претежно повозрасни лица, лица со хронични заболувања, а за жал младата популација не се вакцинира. Вели дека вакцини има сѐ уште, во координација со Мој термин ќе направат напор да најдат начин како луѓе кои сакаат да се вакцинираат да дојдат. Потенцира дека оние што сакаат да се вакцинираат ќе треба да се потполно здрави.

– Кај нас пракса е да се вакцинираат само постари, кога ќе се рече така обично ги сметаат лицата над 65 години. Треба да се вакцинираме сите и бремени жени и деца од 6 месеци натаму може да се вакцинираат. Меѓутоа лицата кои ќе доаѓаат за вакцинирање треба да бидат здрави, значи да немаат било какви симптоми на горни или долни дишни патишта. Вакцинацијата е за здрави лица. Може да се случи лицето да нема симптоми, вирусот да е во инкубација, а по примање на вакцина да се развијат симптомите и тоа не е резултат на вакцинацијата, таа е мртва вакцина, тоа е последица што вирусот бил во инкубација, истакна епидемиологот д-р Стурлакова Коровешоска.

Бројките на заболени од грип периодов растат на подрачјето на цела држава. Според искуствата на епидемиолозите од претходни сезони, пикот на заболени од грип се очекува во февруари. Комисијата за заразни болести по последниот состанок излезе само со препораки за носење на маски во здравствените установи и во домовите за стари лица, како и препорака за забрана на посетите во болниците. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука