ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Додевски: Знакот за забранет сообраќај не е оправдание за државните институции да се прогласат ненадлежни при заглавено возило на Галичица, од почетокот на годинава интервениравме 11 пати

Охрид, 18. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Забраната за сообраќај на патниот правец Охрид-Ресен, преку Националниот парк „Галичица“ не се почитува, а решение за случајот немаме, државните иституции се прогласуваат за ненадлежни со тоа дека е поставен соосбраќаен знак, изјави за Супер радио и OhridPress раководителот на Планинската спасителна служба Антонио Додевски, по последната интервенција од утрово за заглавено возило на Галичица.

Вели дека ситуацијата станува алармантна и треба да се најде начин да се реагира. Писмено се обратиле заедно со Националниот парк „Галичица“ до министерството за транспорт и врски од каде побарале дозвола за физичко затворање на патот, поставување на рампи, но од тоа ништо. Сите надлежни институции во моментов се оградуваат со тоа што долу е поставена сообраќајна сигнализација дека патот е затворен за сообраќај, вели Додевски.

– Постојано апелираме, годинава дури и за овие интервенции не објавуваме на нашата веб страна од причина што станува бесцелно да се реагира. Едноставно некоректно е од страна на државните институции да се прогласат дека не е во нивна надлежност. Јас навистина не знам кој е надлежен на регионален пат да интервенира во случај на било каква состојба. Утрово во 04:30 часот имавме повик за заглавено возило, во ова време ниту една државна институција што има работа со вработени, со државни ресурси возила, беа ненадлежни, единствено волонтерската планинска спасителна служба беше надлежна да оди да одглавува возила од несовесни возачи, кои ниту почитуваат сигнализација, ниту ги слушаат апелите што редовно ги објавуваме, додава Додевски.

Денешната е 11-та нивна интервенција од почетокот на годината, а состојбата да биде навистина крајно нелогична е што во денешниот случај по втор пат го одглавувале истиот човек.

– Ние интервенираме, нема да ги оставиме луѓето, но е неблагодарно, трошиме ресурси, прво волонтерскиот кадар, покреваме екипа и за жал во денешниот случај по втор пат е истиот човек, едноставно злоупотреба на комплетните ресурси со кои располагаме, волонтери и ресурси набавени од донаторски средства, од другата страна имаме државни институции кои се прогласуваат за ненадлежни. Не е доволно да се постави сообраќаен знак на почеток на пат, бидејќи и покрај знакот очигледно луѓе заглавуваат и тоа може да е во сериозен ризик по нивната безбедност и здравје бидејќи остануваат на 1.600 метри, на температура под нула, заглавени со возило, потенцира Додевски.

Тој по којзнае кој пат апелира до граѓаните да ја почитуваат сообраќајна сигнализација, а ако веќе решиле да одат и да уживаат на снегот, да се искачат до онаму до каде навистина е возможно со возило. Кога ќе забележат дека на патот има наноси од снег и мраз, не треба да продолжуваат.

Патниот правец Охрид-Ресен, преку Националниот парк „Галичица“ моментално е затворен за сообраќај. Од охридска страна сообраќај е дозволен до месноста Корита, а од преспанска страна е затворен уште од Царина, на клучката на патор Ресен-Стење. Во последно време зачестени се заглавувањата на возила на Галичица, па покрај ингеренциите на надлежните повеќе треба да работи и совесноста на секој поединец. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука