ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

Македонија се сеќава на својот музички ангел Тоше Проески, денеска ќе полнеше 43 лета

Скопје, 25. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Република Македонија, но и целиот Балкан денеска ќе одбележат 43 години од раѓањето на македонската музичка легенда Тоше Проески.

Во својот краток живот остави ноти и зборови, но најмногу остави надеж дека она човечкото во нас не е изгубено и дека можеме да бидеме едно само ако посакаме.

Остануваат неговата ведрина и насмевка. Што тој навистина значеше за сите нас, почуствувавме дури утрото на 16-ти октомври 2007 година кога засекогаш го загубивме.

Споменот на Тоше ќе се одбележи со хуманитарна крводаристелска акција која ќе трае до 16:00 часот во просториите на Спомен куќата во Крушево, а во организација на локалната организација на Црвениот Крст. Во 11:15 часот, времето на неговото раѓање, присутните, претставници од институции и поддржувачите на Тоше, најавени дека ќе ги има од многу места, ќе положат букет свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште, на Гумење.

Во 12:00 часот во Спомен-домот ќе биде отворена хуманитарно-продажната ликовна изложба со наслов „Срце није камен“ на стилистот и уметничка душа Светлана Зуламоска. Нејзините дела со ликот на Тоше и пригоден текст, се насликани на камени плочи со акрилни бои, а целта на изложбата е собраните средства од продажбата на овие уникатни и оригинални ликовни изблици, да се донираат за лекување и терапија на малиот Војдан Спасовски.

Денеска ќе биде промовиран и видеоспот на Јана Мрческа, на рефрени на песни од Тоше. Од 13:00 часот ќе се одржи веќе традиционалниот музички перформанс „Ангел си ти“. Македонската вокалистка Ивона ЈО во придружба на нејзиниот бенд В2В, ќе исполни десетина нумери од богатата музичка ризница на Тоше. Во неговиот спомен дом ќе одекнат: „Тајно моја“, „Срце није камен“, „Ангел си ти“, – рефрени и текст кој сè уште ги пееме со радост и низ солзи.

Фановите на Тоше низ Балканот ќе имаат можност преку телевизискиот канал Прва ТВ, да го проследат документарниот филм кој авторката Катарина Миловановиќ го сними во Крушево минатата година. На денот на тошевиот роденден, копија од овој филм, со превод на македонски, авторката ќе донира во Спомен куќата. Премиерата и промоцијата на овој документарец ќе бидат в петок, на 26-ти јануари во 19:00 часот во салата на Младинскиот културен центар во Крушево.

Тоше Проески е роден во Крушево каде и завршува основното училиште. Љубовта кон музиката го носи во клупите на средното музичко училиште во Битола, а подоцна на Факултетот за музички уметности во Скопје.

На 16-ти октомври 2007 година, Тоше загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка на пат кон Загреб. (Крај)

извор: ОхридПрес/вистина.мк фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука