Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

ЦЈЗ: И денешните анализи покажаа дека параметрите на водата за пиење се во граници на законски пропишаните вредности

Охрид, 25. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од Центарот за јавно здравке Охрид информираат дека и денешните првични физичко-хемиски анализи на примероци на вода за пиење од градската водоводна мрежа во Охрид, земени и анализирани по санирањето на дефектот и нормализирањето на водоснабдувањето, покажуваат дека нема отстапување од законски дозволените вредности на соодветните параметри, вклучително и параметарот матност.

– Во сите контролирани примероци на вода за пиење констатирано е и присуство на дезинфекционо средство (резидуален хлор) согласно законските прописи. Мониторирањето на специфичните индикаторски параметри во водата за пиење со почеста динамика, од страна на Центарот за јавно здравје Охрид ќе продолжи и во текот на наредните 2 дена, сѐ до конечните резултати од комплетната физичко-хемиска и микробиолошка анализа на претходно земените примероци на вода за пиење од градската водоводна мрежа во Охрид, кои се очекуваат во текот на утрешниот ден, велат од ЦЈЗ.

Оттаму им укажуваат на граѓаните дека доколку забележат заматеност на водата за пиење при течење од чешмите, да не ја користат истата за пиење, сѐ додека, после течење од 5-10 минути, водата не се избистри. Ако и после тој период на течење, водата од чешмата е сѐ уште матна, да не ја користат за пиење и да се обратат до ЈП „Водовод“ Охрид или ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука