Забава Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Охридски компании дел од традиционалниот Саем за венчавки „Wedding Expo24“

Скопје/Охрид, 31. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Ателјето за венчаници „Екатерина“ и MH Candle Co, која се занимава со производство на свеќи од органско еколошко потекло, двете од Охрид, ќе бидат дел од 23-то издание на традиционалниот Саем за венчавки „Wedding Expo24“.

Со богата програма и најдобрите претставници од свадбената индустрија, Саемот ќе се одржи во петок, на 23-ти февруари 2024 година во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

– Саемот ќе ги отвори вратите за посетителите на 23-ти февруари во 18:00 часот, а ќе трае до недела, 25-ти февруари 2024 година до 18:00 часот. На настанот ќе земат учество голем број изложувачи од сите сфери на свадбената индустрија (дизајнери и атељеа за венчаници, ресторани, музички групи, покани, бурми и накит, подароци, декорации за свадба, фотографи, костуми и обувки…), односно се’ што е неопходно за организирање на свадбената прослава. Саемот е од изложбено-продажен карактер, па така идните младенци ќе имаат можност да ги видат, пробаат и купат своите венчанци, костуми, бурми, да договорат термин за свадба, да букираат бенд, да си обезбедат покани и декорација, фотограф, да пронајдат уникатни подароци за девериците, кумовите и друго, информираат организаторите.

Додаваат дека богатата програма започнува со модната ревија на „Познатите во венчаници и костуми“, а посетителите ќе имаат можност да видат многу познати ликови како модели на венчаници и костуми.

– Целата програма ќе биде збогатена и со индивидуални ревии (сабота и недела) како и настап на познати музички бендови. Водител и домаќин на настанот оваа година е популарната и супер симпатична Сања Савевска („Брза Кујна“ на Тв Сител). Влезниците за саемот ќе се продаваат на самиот влез во хотелот како и online, а цената ќе биде симболични 150 денари. Со купувањето на билетот се станува и потенцијален добитник на голем број подароци кои ќе се извлекуваат за време на настанот. За идните невести ќе има и голем број на саемски попусти кои несомнено ќе ви го заштедат семејниот буџет, потенцираат од интернет порталот за културата на венчавките www.vobelo.mk, кои се организатори на настанот.

Можете да ги контактирате на contact@vobelo.mk. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука