Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Собранието не ги изгласа измените на законот за продолжување на рокот на пасошите

Скопје, 28. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Пратениците денеска не дадоа зелено светло за пролонгирање на важноста на пасошите, по хаосот кој се создаде со стапувањето на сила на Договорот од Преспа, со кој по 12-ти февруари во употреба се само документите со новото име на државата.

Од вкупно 100 пратеници, „за“ гласаа 46 пратеници, додека 54 гласаа „против“ предлогот на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се продолжи важноста на пасошите со старото име до 31 декември 2024 година, како што по итна постапка веќе беа направени измени за возачките дозволи.

– Пратениците на ДУИ и нивните слуги од СДС дополнително ја влошија состојбата која свесно и намерно ја создадоа со пасошите. Нашиот предлог закон за измени и дополнувања со кои баравме да се продолжи рокот на важење на пасошите издадени со име Република Македонија, а кои имаат важност, беше одбиен од тие што го создадоа проблемот, изјави Драган Ковачки, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, „одлепеноста од реалноста и несакањето да им се излезе во пресрет на сопствените граѓани кои ги изолираа од останатиот цивилизиран свет е невиден феномен посебно имајќи во предвид дека сме членка на НАТО и сакаме да отпочнеме преговори со Европската Унија“.

Во пресрет на собраниската седница, Делегацијата на ЕУ во земјата во изјава за МИА порача дека е важно државата да продолжи да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите поврзани со замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор.

Според нив, признавањето на патните исправи со старото уставно име на државата е работа на секоја држава поединечно.

Проценките се дека околу 650 илјади граѓани со стари пасоши не можат да ја напуштат државата. Согласно Договорот од Преспа потпишан со Грција, излез од земјата им е дозволен само на оние кои поседуваат документи со новото име, додека влез во земјата од странство е дозволен со патни листовикоишто се издават во дипломатско-конзуларните претставништа. (Крај)

извор: DW фото: DW/Petr Stojanovski

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука