Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Недела пред Прочка, од понеделник започнуваат Велигденските пости

Охрид, 13. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Верниците од православна вероисповед, во недела ќе го одбележат празникот Прочка или Велики Поклади, по што од понеделник започнуваат Велигденските пости.

Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.

Велигденскиот пост е најстрог и најдолг. Трае од Прочка до Велигден. Тука се 40 дена (Четириесетница), од Чист понеделник до Лазарева сабота и уште Страстната недела од Цветници до Велигден, вкупно 48 дена. Постот не значи само откажување од мрсна и обилна храна и алкохол, туку постење со мислите, воздржување од лошо, правење милостиња.

Постот започнува со Чист понеделник, денот по Прочка. Рибата не се смета за мрсна храна и може да се јаде за време на Велигденските пости, но само на Благовештение и Цветници. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука