Забава Избор

Вечерва промоција на винил-изданието „Поп-култура“ во чест на Дџ Мирко Попов

Скопје, 29. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Eдукативниот културен центар „Лабораториум“, вечерва ќе се одржи промоција на првата винил-компилација посветена на современата поп-продукција од млади македонски музичари – „Поп-култура“.

Компилацијата претставува значаен историски документ и запис за времето и квалитетот на македонската музичка поп-сцена на докажано најквалитетниот носач на звук и сè уште најценетиот во светот на музиката (винил), што е куриозитет на домашната сцена. Опфаќа селекција на песни од најрепрезентативните млади автори на македонската музичка поп-сцена: Аудио Цигла (Audio Cigla), Миа Перевска (Mia Perevska), Дина Јашари (Dina Jashari), Андреја Салпе (Andreja Salpe), Зи (Zee), Јанг Дади (Young Dadi), Матеј Фолтц (Matej Foltz) и веќе признаениот музичар Слаткаристика (Slatkaristika).

Музичкиот избор вечерва ќе биде на диџеите на младиот колектив Македонско улично радио: Скам, Аудио Цигла и Демиџ Контрол.

Настанот е во чест на познатиот македонски Дџ и продуцент Мирко Попов, кој почина неодамна и кој континуирано и посветено работеше за поддршка на младите и креирање простор за нивно изразување, работа и препознавање како креативна и надоаѓачка сила во музиката и културата. Како продуцент и куратор го реализира и ова, 13-то по ред винил-издание за дискографската куќа „ПМГ рекордингс“.

– Попов реализира 300 изданија македонска музика од македонски автори на македонски јазик. Затоа, Мирко Попов е еден од најголемите чувари на македонскиот идентитет. Ако Југославија го имаше „Пакет аранжман“ во 1981 како пресек на тогашниот нов бран, Македонија денес го има новиот бран поп-музика на компилацијата „Поп-култура, чија историска вредност ќе се покаже во годините што доаѓаат. Голема радост за Мирко беше оваа плоча, чија промоција, за жал, не успеа да ја дочека, а во негова чест ќе ја промовираме во „Лабораториум“, потенцираат од „ПМГ рекордингс“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука