Избор Избори 2024 Македонија ТОП ВЕСТИ

На полноќ истекува рокот за поднесување листи за пратеници до ДИК

Скопје, 2. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – На полноќ истекува рокот до кога политичките партии и коалициите до Државната изборна комисија (ДИК) треба да ги достават пратеничките листи за парламентарните избори, закажани за 8-ми мај.

Ако ДИК утврди дека листата е поднесена во определениот рок и е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик, поднесената листа ќе ја потврди со решение веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа. Денеска исто така ДИК треба да го заклучи Избирачкиот список и за претседателските (24-ти април) и за парламентарните избори.

Редоследот на кандидати во листата на кандидати, ДИК го утврдува со ждрепка која треба да се одржи најдоцна на 13-ти април и тој број е ист во сите изборни единици. Во изборната единица каде нема да има свој претставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место.

Собранието вчера го донесе Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кој се допрецизираат одредбите за определување на редниот број на гласачкото ливче за двата изборни процеси, односно политичките партии кои предложиле или поддржале кандидат за претседател на државата да можат да ги задржат извлечените редни броеви и за парламентарните избори за поедноставна презентација пред граѓаните.

Другите политички партии кои ќе учествуваат на парламентарните избори, пак, дополнително по пат на жрепка ќе извлечат редни броеви под кои ќе настапат на изборите.

Изборната кампања за парламентарните избори започнува на 18-ти април и неколку дена ќе се поклопи со кампањата за избор на претседател, која завршува на 22-ри април.

Седуммината кандидати за претседател на државата денеска во ДИК ќе го потпишат Кодексот за фер и демократски избори. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука