Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ: Преподобен Захарија

Охрид, 6. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денеска го прославуваат Денот на Преподобен Захарија.

Син на Карион Египќанецот, којшто ги остави жената и децата и се замонаши, само синот Захарија го зеде со себе, бидејќи мајка му не можеше да го прехрани. Иако многу помлад од многумина старци во Скитот, Захарија се здоби со многу поголеми благодатни дарови од многумина меѓу оние старци. Од благодатта Божја чувствуваше како му гори целата внатрешност.

На прашањето на свети Макариј кој е вистински монах, Захарија одговори: „Оној којшто непрестано се принудува себеси на заповедите Божји“. А на прашањето на авва Мојсеј што значи да се биде монах, Захарија ја симна камилавката, ја изгази со нозете, па рече: „Ако човекот не се смири и понизи себеси, не може да биде монах!“

Беше големо светило меѓу монасите во пустината и млад се упокои во Господ.

Тропар

Радувај се, свети оче Захарие, тебе Христос небесните врати ти ги отвори, откако подвигот твој благодатен скалило постана кон Горниот Ерусалим, и пак радувај се смирение на монасите, кој со молитви и молчание страстите ги растопи и во кал ги претвори, изгазени од трпението кое ангелското го надмина. За нас сега моли се, преподобен подвижниче, од вишното Небо Небесно. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука