Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Хуманитарна собирна акција за помош на најранливите категории на граѓани од Охрид и Дебрца

Охрид, 15. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот Црвен крст организира хуманитарна собирна акција за обезбедување на помош во храна, средства за хигиена и парични средства, која ќе биде наменета за најранливите категории на граѓани од Охрид и Дебрца.

Акцијата е во рамките на социјално-хуманитарната дејност, а по повод одбележување на Неделата на солидарност од 15-ти до 21-ви април 2024 година, под мотото „Вашиот прилог – значајна помош“, со цел подигање на нивото на свест на населението за потребната помош и поддршка на ранливото население.

– Апелираме и ги повикуваме нашите сограѓани, фирми и институции да ја покажат својата солидарност и хуманост и масовно се вклучат во акцијата со донирање на материјални добра – прехрамбени производи и средства за хигиена во просториите на Црвен крст Охрид, на улицата „Димитар Влахов“ број 52. Може да се донираат и парични средства (100 денари) со повик на телефонските броеви 070/075/077 143-400 на жиро сметката на Црвениот крст со назнака за „Недела на солидарност“, како и со уплата на средства на сметката на Фондот за солидарност на Црвен крст на РМ 300000001327966, Депонент Комерцијална банка, ДБ 4030984271620. Од донираните парични средства и собраните намирници ќе бидат обезбедени и подготвени хуманитарни пакети со прехрамбени производи и средства за хигиена кои ќе бидат дистрибуирани до крајните корисници. Со секоја ваша донација овозможувате да се помогне на што поголем број на лица на кои помошта им е најнеопходна, информираат од Црвен крст Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука