Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ: Свети праведен и многустрадален Јов

Охрид, 19. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го одбележуваат споменот на Свети праведен и многустрадален Јов.

Јов беше потомок на Исав, внукот Авраамов и живееше во Арабија околу 2000 години пред Христа. Татко му е Зарет, а мајка Восора, а неговото цело име беше Јовав. Беше човек чесен, богобојазлив и многу богат. Но, во седумдесет и деветтата година од неговиот живот Бог допушти тешки искушенија врз него преку сатаната, сè како што е подробно опишано во Книгата Јов.

И во еден ден Јов го изгуби сиот свој имот, сите синови и ќерки свои. Потоа врз него падна тешка болест од којашто целото тело му се покри со рани од темето до стопалата и лежеше Јов на ѓубриштето надвор од градот и со парче ќерамида си го вадеше гнојот од раните. Но, не заропта на Господа, туку стрпливо докрај ги поднесе сите оние маки. Затоа Бог му го врати здравјето и му даде многу поголемо богатство од претходното и пак му се родија седум синови и три ќерки, колку што ги имаше порано. Поживеа уште двесте четириесет и осум години, постојано славејќи и фалејќи Го Бога.

Јов се смета за пример на трпеливо поднесување на секое страдање коешто Бог ни го испраќа и за предобраз на страдалниот Господ Исус.

Тропар

„Благословено да е името Господово“ – восклик на победа во маките твои, о Јове свет, кои во радости се претворија, бидејќи душата твоја знаеше Кој е Творецот нејзин, а разумот со благодат исполнет Го виде Дарителот на сe, така да срцето само трпеливо Го чекаше Оној Кој се оддалечи, за да повторно се всели. Нему Му пееме по молитвите твои свети: Господи, слава Ти.

Кондак

Како вистинољубив и праведен, благочестив, непорочен и осветен се покажа ти, сеславен Божји угоднику, и во твоето трпение ја просветли вселената, најтрпеливе и најдоблесен. Затоа сите ние, богомудри, твојот спомен го воспеваме. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука