Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ: Пренос на моштите на Свети Николај, Чудотворец Мирликиски (Св. Никола Летен)

Охрид, 22. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денеска го одбележуваат празникот Пренос на моштите на Свети Николај, Чудотворец Мирликиски, познат и како Св. Никола Летен.

Во времето на царот Алексеј Комнен и на патријархот Никола Граматик, во 1087 година телото на овој светител било пренесено од Мир Ликиски во градот Бари во Италија. Тоа се случило пред налетот на исламот на Ликија. Светителот му се јавил во сон на некој чесен свештеник во Бари и му заповедал неговите мошти да се пренесат во тој град. Во тоа време градот Бари бил православен и под православен патријарх. При преносот на моштите на Светителот се случиле многу чуда, како од допирот на моштите така и од мирото коешто изобилно се леело од нив.

На овој ден уште се споменува и чудото извршено над српскиот крал Стефан Дечански, т.е. како Свети Николај му го вратил видот на слепиот крал Стефан.

Тропар

Дојде денот на сесветлото торжество, градот Бари се радува, а со него и целата вселена ликува, со песни и пеења духовни, зашто денес е светото торжество, на пренесување на чесните и многуцелебни мошти на светителот и чудотворец Никола, кој засветли како сонце незаодно со светлозарни зраци, растерувајќи го мракот на искушенија и неволји од оние што со вера повикуваат: Спасувај не’, како наш застапник, велик Никола.

Кондак

Твоите мошти, светителу Никола, излегоа како ѕвезда од исток до запад; морето се освети со твоето патување, и градот Бари прима благодат преку тебе, оти заради нас се јави како извонреден, препрекрасен и милостив чудотворец.

Св. Никола Мириклиски Чудотворец е погребан во Мир. Св. Никола се празнува и 19-ти декември. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука