Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ-ОА: Св. Еразмо Охридски

Охрид, 15. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Според календарот на МПЦ-ОА (Јулијанскиот календар) денеска е 2 јуни, денот кој православните верници го слават во чест на Св. Еразмо Охридски.

Поради неговата мисионерска дејност и големите заслуги за ширењето на христијанството свети Еразмо во нашиве краишта бил сликан заедно со Седмочислениците.

Овој светител, од Бога даруван со чудотворна моќ, е роден во Антиохија и живеел за време на царевите Диоклецијан и Максимилијан. Како архиереј патувал и го проповедал Евангелисто па така стигнал и во Охрид. Откако го воскреснал синот на некој човек по име Атанас, крстил многу луѓе, а идолските жртвеници ги разурнал. Поради тоа бил обвинет кај царот Максимилијан, кој му наредил да му се поклони на бакарниот кип на Зевс и да му принесе жртва. Но, Еразмо направил од статуата да излезе ламја и да го исплаши народот. По овој настан св. Еразмо крстил 20.000 луѓе, но по наредба на царот сите биле исечени, а Еразмо бил затворен. Но тогаш се јавил ангелот и го ослободил од затворот, како што многу порано го ослободил св. Петар. Св. Еразмо пред смртта се повлекол во една пештера и во молитви го минал животот. Починал во почетокот на IV век.

Во близината на Охрид има пештерска црква посветана на св. Еразмо Охридски, а во близина на црквата има вода за која се верува дека е лековита, особено на денот на светителот.

Култот на свети Еразмо бил раширен и во западните земји: Италија, Шпанија, Франција, Германија и др.

„Во земјите на византиската и словенската културна сфера, според сегашните сознанија, неговиот култ пушти корења само во охридскиот крај каде што се одржа во долг хронолошки распон, подолг отколку на кој и да било друг светител во македонските краишта“.

Споменот на св. Еразмо во Македонија се празнувал уште во времето на свети Климент, прифаќајќи го неговиот култ втемелен многу порано. Во текот на 19 век, за време на македонската преродба зографите мошне често кај композицијата на Седмочислениците ја сликаат и фигурата на св. Еразмо заради неговата мисионерска дејност и заслуги во ширењето на христијанството.

Житие

Овој светител беше родум од Антиохија и живееше во времето на царевите Диоклецијан и Максимијан. Се подвизувше крепко на Ливанската Гора и имаше од Бога голем дар на чудотворство. Како архиереј тргна да го проповеда Евангелието. Кога дојде во Охрид, Еразмо го воскресна синот на некој човек по име Анастас и го крсти овој човек. Во таа прилика крсти и мнозина други незнабошци и ги разори идолските жртвеници во Охрид. За ова беше обвинет кај царот Максимијан, којшто во тоа време престојуваше во Илирија. Царот го изведе пред бакарната статуа на Ѕевс и му нареди да принесе жртва и да му се поклони на идолот. Свети Еразмо направи со благодатта, па од статуата излезе страшен змеј и го исплаши сиот народ. И пак направи светителот со благодатта и змејот пцовиса. Тогаш светителот Го проповедаше Христа и крсти дваесет илјади души. Огорчен царот нареди и ги заклаа сите овие дваесет илјади христијани, а Еразмо го стави на тешки маки, па потоа го фрли во затвор. Но му се јави ангел Божји, како некогаш на Светиот апостол Петар и го изведе Еразмо од затворот. По ова овој Божји слуга отиде во Кампанија, каде што им го проповедаше Евангелието на луѓето, па повторно се врати во градот Хермелија, каде што се повлече во една пештера, во која се подвизуваше до смртта. Пред смртта трипати се поклони кон исток и со воздигнати раце Му се молеше на Бога, Бог да им ги прости гревовите и да им подари вечен живот на оние коишто со вера ќе го повикуваат неговото име. На крајот од молитвата се слушна глас од небото: „Нека биде како што се молеше, исцелителу мој Еразмо!“ Сиот радосен светителот погледна уште еднаш на небото и го виде венецот на славата кога се спушташе на него и виде хорови ангели, пророци, апостоли и маченици, кои приоѓаа да ја примат неговата душа. Најпосле самиот возвикна: „Господи, прими го духот мој!“ и издивна, во 303 година. Пештерата со црквичката на Свети Еразмо и денес стои недалеку од Охрид и од неа и до денес се пројавува големата сила на овој Божји угодник, свештеномаченик Еразмо.

Тропар

Твојот живот си го минал преподобно, премудри, со одеждата на свештенството си се украсил светло; понижуван, со крвта маченичка, Еразмо, се удостои за небесните пречисти почести и, стоејќи пред Света Троица, се молиш за нас, кои те воспеваме.

Кондак

Најтоплиот застапник во неволјите, и добропослушен посредник за оние што просат, Еразмо, сите со песни да го почестиме, зашто неговиот светлоносен и сепресветол спомен н? тера да повикуваме: Господи, слава Ти! (Крај)

извор: МИА/Марко Китевски фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука