Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Со донација од „ПН Метал“ и „Турист Инженеринг“ реконструиран покривот на објект при ЈЗУ Општа болница

Охрид, 29. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со донација од охридските компании „ПН Метал“ и „Турист Инженеринг“, успешно заврши реконструкцијата на покривот на објект од павиљонски тип на згради при ЈЗУ Општа болница – Охрид.

Објектот е изграден во 1962 година и ова е прва значајна реконструкција. Во текот на процесот на реконструкција, освен што се замени стариот покрив, беше извршена и замена на оштетени делови и инсталирани нови материјали за заштита од влага и временски услови. Оваа зграда, која ги вклучува трансфузиологија, биохемиска лабораторија, физикална медицина и рехабилитација, радиологија, болничка аптека, јавни набавки, комерција и патологија и т.н веќе долги години служи како клучен дел на установата. Така наречената економска зграда заради дотраеност и временски неприлики беше доведена до нефункционалност со што постоеше опасност за прекин на работа на неколку оддели сместени во истата, изјави директорот на ЈЗУ Општа болница Охрид д-р Асен Шајн.

Со донацијата на двете компании, успешно се завршени сите потребни изведби на површина од 3.000 m², сега покривот не само што е функционален, туку истиот е значаен и во подобрување на визуелниот аспект на целокупната инфраструктура.

– Оваа инвестиција не само што ќе продолжи да ја подобрува инфраструктурата на нашата институција, туку и ќе обезбеди подобри услови за работа на вработените и комфорен амбиент за пациентите кои ги опслужуваме. Должиме голема благодарност во име на вработените и пациентите за несебичната помош и општествена одговорност на „ПН Метал“ и „Турист Инженеринг“, потенцира Шајн. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука