Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ-ОА: Свети Апостол Павле – Павловден

Охрид, 13. јули 2024 (ОХРИДПРЕС)  – Светата Православна Црква денот по Петровден му го посветила на Светителот Апостол Павле – Павловден.

Апостолот Павле во почетокот бил противник на христовата вера и прогонувач на христијаните за подоцна да стане најсилен пропагатор на ова учење.

Претходниот ден, иако е посветен на двајцата славни Господови апостоли, сепак се вика Петровден, овој ден е одреден да се слави споменот на Светиот апостол Павле – Павловден. На овој ден именден слават тие што го носат името Павле, Пајо, Павлина и сл. иако и претходниот ден може да се сретне празнување на овие имендени, затоа што претходниот ден се празнува споменот на двајцата апостоли.

Светиот апостол Павле особено е значаен за нас Македонците. Своето прво патување надвор од Азија тој го направил во Македонија. Тоа започнало во 51, а завршило во 54 година. При своите патувања апостолот Павле организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера.

Денешниот празник Павловден е селска слава во селото Врбјани, на која се чекаат гости, а голем број на иселеници доѓаат токму на овој ден во родниот крај.

Житие

Родум од Тарс, од племето Венијаминово. Прво се викаше Савле, учеше кај Гамалиил, беше фарисеј и гонител на христијаните. Во христијанската вера беше обратен преку чудо од Самиот Господ, Којшто му се јави на патот за Дамаск. Крстен од апостолот Ананија. Му се даде името Павле и беше приброен кон службата на големите апостоли. Со пламена ревност го проповедаше Евангелието секаде, од границите на Арабија до Шпанија, меѓу Евреите и незнабожците. Го нарекоа апостол на незнабожците. Колку што беа страшни неговите страдања толку беше натчовечко неговото трпење. Низ сите години на неговото проповедање како на тенок конец висеше ден за ден меѓу животот и смртта. Откако сите денови и ноќи ги исполни со страдања за Христа, откако на многубројни места ја устрои Црквата и откако ја достигна таа мера на совршенство што можеше да рече: „не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“, беше убиен со меч во Рим, во времето на царот Нерон, кога и апостолот Петар.

Тропар

Првопрестолници на апостолите, и учители на вселената, Господарот на сите молете Го, да ? дарува мир на вселената, а на душите наши – милост голема.

Кондак

Сигурните и богогласни проповедници, врвот на апостолите Твои, Господи, си ги примил во наслада и покој на Твоите добра, бидејќи нивните страдања и смрт си ги примил подобро од секоја правдина, Ти, Кој единствен знаеш да ги читаш срцата на луѓето. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука