Економија Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Езерската полиција и Црвен крст Охрид спроведоа кампања за заштита од топлотен удар

Охрид, 30. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на кампањата „Безбедно лето“, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ и волонтери на Црвениот крст од Охрид, вчера во водите на Охридското Езеро спроведоа превентивно-едукативна кампања за заштита од топлотен удар.

Тим од полициски службеници и волонтери со полициски глисер реализираа патролни активности и остварија кратки средби со граѓаните кои со своите пловни објекти пловат по езерото.

– Притоа, низ разговори, полициските службеници и волонтерите, ги потсетуваа граѓаните како да се однесуваат при топло време и високи температури, како да постапуваат кога тие или други лица во пловилото не се чуствуваат добро, кои се првичните неопходни мерки при манифестирање топлотен удар, а им делеа и вода за освежување и ги потсетуваа на останатите препораки за заштита од топлотен удар. Тимовите, посебно потсетуваа на потребата граѓаните да бидат добро хидрирани, да носат светла облека, да не користат алкохол пред и за време на управување со пловилото, да избегнуваат патувања во најтоплите периоди од денот, да практикуваат почести застанувања на брегот и престој под сенка и други корисни информации за зголемена безбедност, информираат организаторите.

На граѓените им беше поделен и едукативен материјал со практични препораки од Министерството за здравство и Црвениот крст на Република Македонија „Како против топлотниот бран“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука