Здравје Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Бесплатен скрининг за хепатитис Б, Ц и ХИВ денеска во Охрид и Струга

Охрид, 5. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Започна Националната кампања за бесплатен скрининг за хепатитис Б, Ц и ХИВ и еластографија за хронични црнодробни заболувања, организирана од Министерството за здравство, „Хепар центар“ од Битола и Клиниката за гастроентерохепатологија.

Мобилната амбуланта за бесплатен и анонимен скрининг за навремено детектирање на болести на црн дроб ќе биде во вкупно десет градови низ државата.

Согласно распоредот, денеска, граѓаните и посетителите на Охрид и Струга, денеска ќе може да извршат бесплатен и анонимен скрининг. Во периодот од 09:00 до 11:00 часот мобилната амбуланта ќе биде на Градскиот плоштад во Струга, додека од 17:30 до 19:30 часот на плоштадот во Охрид.

Според Милан Мишковиќ заменик претседател на „Хепар центар“ Битола бројката во нашата држава, се движи меѓу два и три проценти со хроничен хепатитис Б и Ц но, голем дел од таа популација сѐ уште не е детектирана.

– На европско ниво во моментот има програма што овозможува голем број алатки за земјите членки на ЕУ, како и земјите аспиранти кои треба да направат потези во наредниот период и да потпишат одредени договори кои се подготвуваат за да бидат дел од оваа програма. Со тоа да се овозможи и нашиот здравствен систем полека инфраструктурно и дијагностички да се подобрува. Очекуваме наскоро и лековите за хепатитис Б да бидат дел од позитивната листа. Се подготвува нова национална скрининг програма за хепатоцелуларен карцином, која допрва ќе се изработува. Се надеваме дека до крајот на годинава ќе имаме подетални информации, вели Мишковиќ.

Целта на кампањата е подигнување на свесноста за црнодробните болести, како што се црнодробен карцином, замастување на црниот дроб од алкохолна и неалкохолна природа, цироза и ретки болести на црн дроб. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука